Согласно Уставот на Република Македонија, а во согласност со член 6, 16, 18, 23 од Законот за здруженија и фондации (Службен весник на РМ бр. 52 од 16.04.2010), Собранието на Здружението  ОФФ РОУД КЛУБ 4х4.MK Скопје, Скопје, бул. АВНОЈ бр.60-3/22, на состанокот одржан на 25.10. 2010 година го донесе следниот,

С Т А Т У Т
на
Здружението Офф роуд клуб 4х4.MK Скопје

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Здружението Офф роуд клуб 4х4.MK Скопје, со седиште во Скопје, бул. АВНОЈ бр. 60-3/22 е здружение на граѓани, формирано со слободно здружување на граѓани заради поттикнување и афирмација на офф роуд културата и рекреацијата како и за вршење на дејности и активности за реализирање на личноста во взаемни релации и контакти на повеќе нивоа од областа на офф роуд спортот и рекреацијата, како и офф роуд движењето и дружењето како спорт и рекреација и сите активности поврзани со овој спорт и рекреација.

Член 2

Здружението е непрофитна, невладина и непартиска организација со својство на правно лице.
Здружението своите цели и задачи утврдени со Статутот ќе ги остварува во согласност со Уставот, Законот и други Законски и подзаконски акти.

Член 3

Здружението поради остварување на своите цели и задачи, преку својата работа и работата на своите секции и работни тела се организира и делува на целата територија на Република Македонија и надвор од неа.

Здружението може да се шири во подружници и ограноци на територија на Р. Македонија и да ја проширува својата дејност на работа.

Член 4

Работата на Здружението е јавна.
Јавноста во работењето на Здружението се обезбедува со редовно известување на членовите на Здружението за сите облици на работење со увид во спроведување на програмските задачи, и поднесување извештаи за работата на органите и телата на Здружението, известување за финансиската состојбите околу дејствувањето на Здружението и друго.
Јавноста за работењето на Здружението се обезбедува и преку информирање на своите членови и пошироката јавност со: користење на јавно огласување, печатарска активност, предавања, конференции, печатени и електронски медиуми (печат, радио, телевизија, веб-страници на интернет и друго)

ИМЕ, СЕДИШТЕ И ОБЕЛЕЖЈА

Член 5

Името на Здружението е:
Здружение Офф роуд клуб 4х4.MK Скопје
Скратеното име на Здружението гласи: 4х4.MK
Седиштето на Здружението е во Скопје, ул. Македонија бр. 53/1, општина Центар

Член 6

Здружението има свој печат и штембил.
Печатот на Здружението има округла форма со впишан текст:
Здружение Офф роуд клуб 4х4.MK Скопје
Штембилот има правоаголна форма, со линии за број, место и датум.
Здружението може да има свое лого, симбол и знаме.
Изгледот и содржината на логото, симболот и знамето на здружението го определува и усвојува Собранието на Здружението со мнозинство од вкупниот број членови со посебна одлука во која детално се опишува изгледот и содржината на логото, симболот и знамето.

Здружението има свои центри за собири, едукација и културни манифестации.

Член 7

Здружението делува како правно лице со права и обврски кои произлегуваат од Уставот, Законите на Република Македонија и овој Статут.

Член 8

Здружението го застапува застапник, без ограничувања кој воедно е и претседател на Собранието.

ЦЕЛИ, ЗАДАЧИ И НАЧИН НА ОСТВАРУВАЊЕ

Член 9

Омасовување и развој на Офф роуд спортот, движењето и дружењето како спорт и рекреација и сите активности поврзани со овој спорт особено како учество и организација на Државни и Меѓународни собири и натпревари.
Во контекст на основната цел, Здружението ќе се залага и за:
– Поттикнување и размена на искуства, знаења, натпревари, дружења;
– Самостојно и во соработка со други клубови го развива и унапредува офф роуд духот;
– За покренување на иницијативи за донесување на закони и прописи за унапредување на офф роуд културата;
– За подигнување на сообраќајно-техничката култура на членовите и другите учесници во сообраќајотј, како и за учество во сообраќајно-техничкото воспитување на младите;
– Взаемно запознавање на културно-историските вредности и рекреативните активности;
– Залагање за проширување на офф роуд спортот и културата во и надвор од земјата;
– Врши и други работи и задачи што се од заеднички интерес на членовите на клубот, а се утврдени со закон или друг акт.

Член 10

Целите и задачите Здружението ќе ги реализира преку:
– Организација на разни офф роуд рекреативни, крос-кантри, рели, ендуро и брзински натпревари, учество во истите, како и натпреварување во државното првенство;
– Едукација на населението во оваа област;
– Истражувачки активности на терен преку анкети во областа на офф роуд спортот;
– Организирање на разни собири, игри, возења низ и надвор од земјата, посети на офф роуд настани;
– Организација на рекреативни активности;
– Здружување на сите ентузијасти и професионалци со цел омасовување и зголемување на интересот за овој вид спорт и рекреација.
Здружението поради остварување на своите цели и задачи, а преку својата работа и работата на своите секции и работни тела се организира и делува на целата територија на Република Македонија и во странство.
За постигнување на поставените цели и задачи Здружението ќе соработува со невладини организации и Здруженија на граѓани кои имаат исти или сродни програми а пред се со спортски, просветно-образовни, научни и други организации и друштва.
Остварувањето на целите и задачите, како и остварувањето на богатите содржини во програмските активности и дејствувањето на Здружението ќе се спроведува преку организирање на разни собири, игра, возење низ и надвор од земјата, посета на офф роуд настани и рекреативни активности.
Воедно ќе се организираат разни офф роуд рекреативни, крос-кантри, рели, ендуро и брзински натпревари, учество на истите, како и натпреварување во државното првенство.

Член 11

За остварување на своите цели и задачи Здружението ќе се потпира врз иницијативите, активностите, мислењата и предлозите на своето членство, Собранието и другите органи и тела на Здружението.

ЧЛЕНСТВО

Член 12

Членството во Здружението е доброволно, и него може да го сочинуваат граѓани, односно физички и правни лица на Република Македонија кои ги прифаќаат целите и задачите утврдени со овој Статут, како и странски државјани кои имаат редовен престој во Република Македонија.
Зачленувањето во Здружението се врши со плаќање членарина во висина утврдена од членството, со пристапница односно со издавање членска книшка, која при исклучување или престанок на членувањето во Здружението задолжително се враќа. Начинот и условите за членување во Здружението поблиску е определено со Правилник на здружението.
Здружението за своите членови води регистар на членството, кој се ажурира еднаш годишно.

Член 13

Здружението off road клуб 4х4.MK Скопје може да биде член на други асоцијации и здруженија кои ја третираат, помагаат и водат грижа за правилен развој на човековата општествена свест во областа на офф роуд спортот и рекреација, во земјата и во странство.

Член 14

Членот на Здружението ги има следните права и обврски:
-Да ја спроведува програмата и да учествува во другите активности на Здружението;
-Активно да учествуваат во остварувањето на целите на Здружението;
-Рамноправно и во согласност со демократските принципи, да учествуваат во донесувањето на одлуки, и да превземе одговорност за донесените одлуки и истите да ги извршува;
-Да избира и да може да биде избран за сите функции во Здружението, во сите органи и тела на здружението;
-Да информира и навремено и на соодветен начин да биде информиран за активностите на Здружението;
-Да ги користи средствата на Здружението во согласност со интересите на Здружението и во согласност со усвоените акти на Здружението;
-Да го чува и развива угледот на Здружението;

Член 15

Членството на членовите на Здружението им престанува:
– Со исклучување од организацијата;
– Со самоволно истапување од организацијата;
– Со кршење на дисциплината, недолично однесување, и уривање на угледот на организацијата;
– Со губење на граѓанските права;
– Со неплаќање членарина.

Член 16

За повредите на членските должностите од овој Статут, постапката ја води и мерките ги изрекува Дисциплинската комисија именувана од Собранието на Здружението. Начинот на работа, именувањето и разрешувањето на членовите на Дисциплинската комисија се уредува со Правилник кој го донесува Собранието на Здружението.
Со исклучувањето и конечното бришење на членот може да се побара членот да го врати тековното членство, како и признанијата.

ФИНАНСИРАЊЕ И МАТЕРИЈАЛНО-ФИНАНСИСКО РАБОТЕЊЕ

Член 17

Средствата кои ги користи Здружението за остварување на своите цели и задачи се стекнуваат од: годишна членарина, доброволни прилози, донации, спонзорства, подароци (пари, добра, имотни права), завештанија, наследства, активности со кои се стекнува профит, кирии и закупнини, како и приход од инвестиции, дивиденди, камати, заеми и други приходи во согласност со законот.
Од приходите и добивката на трговски друштва кои ги основале со средства на здружението и од други извори, од Буџетот на Република Македонија, буџетите на единиците на локалната самоуправа, буџетот на Град Скопје и Авто Мото Сојуз на Македонија.

Член 18

Користењето и располагањето со средствата на Здружението, по основа на претходниот член се врши на начин утврден со Закон и овој Статут.

Член 19

Налог за извршување на финансискиот план на Здружението може да се добие само со потпис на претседателот на Здружението.

Член 20

Материјално-финансиското работење на Здружението се врши во согласност со законските прописи и Правилникот за материјално-финансиско работење на организацијата.
Организацијата своите средства ќе ги користи за организирање на спортски натпревари, обука на спортисти, игри, собири и други спортски и стручни собири, за печатење на спортски и научно – стручни публикации и за остварување на други цели и задачи регулирани со овој Статут.

ОРГАНИ НА ОРГАНИЗАЦИЈА

Член 21

Органи на Здружението се:
– Собрание;                                                                                                                                             – – Претседател-застапник.

Член 22

Собранието на Здружението е највисоко тело и го сочинуваат сите негови полноправни членови.

Член 23

Седница на Собранието свикува Претседателот-застапник на Собранието , која се одржува најмалку еднаш годишно.
Вонредна седница може да се одржи на писмено барање од најмалку една третина од членовите на Здружението.
Начинот на свикување на седниците и работата на Собранието се уредуваат со Деловник за работа на Собранието на Здружението.

Член 24

Собранието на Здружението полноправно одлучува ако се присутни повеќе од една половина од вкупниот број претставници.
Собранието по правило одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови, освен за оние прашања за кои со Закон се пропишува поинакво мнозинство.

Член 25

Собранието на Здружението може да биде редовно и вонредно.
Редовното Собрание се свикува најмалку еднаш годишно. Времето и местото на одржувањето на седницата на Собранието го одредува застапникот на Здружението.
Во надлежност на Собранието е:
– Донесување на Статутот на Здружението, како и неговите измени и дополнувања и други акти;
– Усвојување на програмата за работа и други акти на Здружението, нивните измени и дополнувања;
– Доставува финансиски извештај до надлежниот орган на државната управа односно до органот на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, во случаи кога користи сретства од нивниот буџет;
– Одлучува за промена на целта на Здружението;
– Го усвојува годишниот извештај за работата на Здружението;
– Одлучува за сите други прашања за кои има право согласно со Статутот на Здружението;
– Именува и разрешува Претседател кој е и законски застапник на Здружението.
Вонредно Собраниена може да биде свикано на писмено барање на најмалку една третина од членовите на Здружението.
Вонредното Собрание мора да биде свикано во рок од еден месец од денот кога е побарано свикувањето.
Вонредното собрание работи само по оние прашања за кои е и свикано.

ПРЕТСЕДАТЕЛ-ЗАСТАПНИК

Член 26

Претседателот е законски застапник на Здружението и се избира од страна на Собранието на организацијата со мандат од четири години со право на повторен избор.
За својата работа, застапникот одговара на Собранието на Здружението.
Застапникот на Здружението е надлежен за:
– Ги свикува и Претседава со седниците на Собранието на Здружението;
– Се грижата за подготовка на седниците на Собранието на Здружението;
– Го претставува здружението во земјата и странство;
– Ги потпишува oпштите акти и другите одлуки што ги донесува Собранието на Здружението;
– Врши и други работи во рамките на своите овластувања утврдени со Законот и Статутот.

СТРУЧНА СЛУЖБА

Член 27

За извршување на административно-стручните, помошни и на нив слични работи од заеднички интерес, за остварување на целите и задачите на Здружението, доколку е потребно, може да се формира стручна служба.

Член 28

Средствата за работа на стручната служба се определуваат со финансискиот план секоја година и тоа: средства за плати, средства за заедничка потрошувачка, средства за материјални трошоци, средства за посебна намена за нормално извршување на функцијата.

ПРЕСТАНОК НА ПОСТОЕЊЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО

Член 29

Здружението престанува да постои поради:
– Статусни промени во согласност со законските одредби (присоединување, спојување и поделба на Здружението);
– Одлука за престанок на постоење на Здружението во согласност со Статутот;
– Поминато двојно повеќе време од времето предвидено за одржување на седница на највисокиот орган утврден со статутот и таа не е одржана;
– Во две последователни години не е поднесена завршна сметка;
– Донесена одлука од надлежен суд;
– Стечај;
– Ликвидација;
– Бројот на членовите се намали под бројот определен за основање и Статутот на Здружението;

Член 30

Имотот на Здружението при престанокот со работа се пренесува на организацијата која ќе ја продолжи неговата активности, доколку има таква, во спротивно имотот на Здружението се пренесува на основачите.

Претседателот на Здружението
ОФФ РОУД КЛУБ 4х4.MK Скопје

—————————————
Владимир Шoшолчев