Правилник за учество

  1. Општи правила

1.1   Организација

Off road клубот 4х4.мк е организатор на рекреативно-туристички, културно-историски, авантуристичко-истражувачки, спортски и натпреварувачки возења со теренски возила, по малку пристапни терени, шумски патишта и специјално приготвени патеки за таа намена, на територијата на Македонија и странство.

1.2   Учество

На настаните организирани од страна на off road клубот 4х4.мк може да учествуваат само членови на клубот со навремено пополнета пријава за соодветниот настан, како и членови на нивните потесни семејства. Исто така на настаните организирани од off road клубот 4х4.мк може да учествуваат и поканети и пријавени гости кои поседуваат соодветно подготвени теренски возила но не повеќе од 2 (два) пати во текот на една календарска година и тоа еднаш во првата половина и едаш во втората половина на годината.

Екипажот на секое возило го сочинува возач и совозач а најмногу онолку лица за колку е регистрирано возилото.

Возачот и совозачот мора да поседуваат важечка возачка дозвола.

1.3   Котизација

Организаторот може да предвиди износ на котизација кој учесниците треба да го платат најкасно до датумот кој ќе биде наведен во програмата за конкретниот настан.

  1. Услови за учество

2.1   Возила

Сите возила на учесниците мора да бидат регистрирани и технички исправни. Организаторот нема никаква одговорност за последиците од евентуални сообраќајни казни.

Теренските возила кои не поседуваат редуктор, немаат соодветни пневматици за условите во кои се вози и не ја поседуваат минималната или препорачаната off road опрема нема да можат да учествуваат на настанот иако биле уредно пријавени односно ќе бидат исклучени.

Забранета е употреба на теретни возила потешки од 3,5 тона, градежни машини и опрема, аграрни возила и опрема (тракторски гуми, гасеници и сл.).

Учесниците треба да се свесни дека во текот на возењето може да дојде до гребење на возилото или до помали и поголеми каросериски и механички оштетувања предизвикани од вегетацијата и/или конфигурацијата на теренот. Организаторот не сноси никаква одговорност за последиците од ваквите евентуални настани.

2.2   Минимална опрема

  • Прва помош
  • Сајла и/или трака за влечење
  • Противпожарен апарат
  • Ланци за снег  2 пара (во зимски услови)
  • Резервно тркало со иста димензија
  • Дигалка и алат за промена
  • Тријаголник
  • А/Т (All terrain) Гуми

2.3   Препорачана опрема

  • Основен алат
  • Гумени чизми
  • Заштитни ракавици
  • Канистер со гориво 20 литри (за подолги патувања)
  • Канистер со вода 20 литри (за подолги патувања)
  • Витло (Winch)
  • Лопата и секира/пила
  • Вода за пиење и храна
  • Сретства за комуникација (мобилен телефон, воки-токи)
  • GPS уред
  • Резервна облека и обувки
  • М/Т (Maximum traction) Гуми
  1. Возење

3.1   Сигурност на учесниците

Во текот на возењето, возачот и совозачот се должни да ги користат сигурносните појаси. За време на возењето забранета е употреба на алкохол и опојни средства.

Забрането е секакво недолично однесување, особено е забрането неодговорно и ризично возење. Не е дозволено одвојување од групата и/или самоволно ненајавено запирање.

Во текот на возењето секој учесник е обврзан да внимава на возилата позади себе и доколку забележи дека заостанува должен е да запре, да го почека и да ги извести останатите учесници.

Возилото означено со  ” О ” (Организатор) секогаш се движи на почеток, а возилото со ознака ” О1 ” (Организатор) секогаш се движи на крај од колоната, не е дозволено претекнување на првото или заостанување зад последното возило.

За непридржување кон сигурносните мерки следува исклучување.

3.2   Заштита на животната средина

Забрането е фрлање отпадоци по патеките и патиштата или на било кое друго место што не е предвидено за таа намена. Забрането е секое влечење за дрво (употреба на витло) без заштитна трака.

Сите учесници се обврзуваат да се грижат за јавната и приватната сопственос и да не ја уништуваат (ливади, ниви, шуми и сл.). Организаторот нема никаква одговорност во случај на санкции и/или глоби.

3.3   Сообраќајни прописи

Сите учесници се обврзуваат да ги почитуваат важечките сообраќајни правила и прописи.

  1. Категоризација

Настаните кои ги организира off road клубот 4х4.мк се поделени по категорија, ниво на тежина, како и според времетраење на истите.

4.1   Тежина

  1. ТУРИСТ – трасиран пат или макадам без природни пречки
  2. ЛЕСНО – лесни природни пречки
  3. СРЕДНО – потешки природни пречки и стрмнини
  4. ТЕШКО – тешки природни пречки, големи стрмнини

4.2   Категорија

  • СЕМЕЈНА – услови за прошетки и разгледување
  • АВАНТУРА – проверени рути, минимален ризик
  • ПРЕДИЗВИК – истражувачки рути, степен на ризик
  • ЕКСПЕДИЦИЈА – потребни посебни подготовки

4.3   Времетраење

  • ЕДНОДНЕВНИ
  • ВИКЕНД
  • ПОВЕЌЕДНЕВНИ
  1. Одговорност

Учесниците возат на сопствен ризик и под полна морална, материјална и кривична одговорност.

Во случај на настанок на штета на возилото на учесникот, предизвикана од вегетацијата и/или условите на теренот, учесникот нема право да бара надомест на истата од организаторот.

Со пријавување за учество, учесниците потврдуваат дека ги прочитале, разбрале и ги прифаќаат одредбите од овој ПРАВИЛНИК ЗА УЧЕСТВО и дека се свесни за сите ризици.

Off road клуб 4х4.мк